Ќе се креира нова Национална стратегија за млади

Агенцијата за млади и спорт во соработка со Програмата за развој на Обединети нации (УНДП) денеска ќе го започне процесот за креирање нова Национална стратегија за млади (2016-2025).

На настанот што се организира по тој повод обраќања ќе имаат директорот на Агенцијата Марјан Спасески и постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон.

Ќе биде промовирана и веб платформата strategijazamladi.mk, која ќе содржи важни информации за текот на процесот за креирање на стратегијата, но ќе нуди и можност за доставување коментари и забелешки.

На настанот ќе бидат презентирани и Извештајот за спроведување на тековната Национална стратегија за млади  (2005-2015), како и Истражувањето за младински трендови, кое беше спроведено од Институтот за социолошки и  политичко – правни истражувања, за потребите на Агенцијата за млади и спорт, кои се поставени на вебстраните на Агенцијата (ams.gov.mk и mladi.ams.mk).

Новата  Национална Стратегија за млади на Република Македонија ќе ги опфати приоритетните области образование, вработување и поддршка пред вработување, спорт, квалитет на живеење, здравство и превенција, партиципација на младите, младинско информирање, култура и локална младинска работа.