Ќе се креираат локални младински стратегии во Гази Баба и Бутел

Во просториите на Агенцијата за млади и спорт беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за млади и спорт и Коалицијата на младински организации СЕГА, согласно кој ќе се отпочне процесот на креирање на локални младински стратегии во општините Гази Баба и Бутел.

Меморандумот за соработка го потпишаа директорот на АМС, Марјан Спасески и извршниот директор на СЕГА, Зоран Илиески, а истиот произлегува од долгогодишната соработка меѓу двете страни во процесите на креирање локални младински стратегии и совети во повеќе општини.

-Постоењето на квалитетна младинска политика на локално ниво може да донесе вистински бенефиции и промени во секое општество. Еден од клучните процеси во креирањето на младинската политика е изготвувањето на локалните младински стратегии. Во оваа насока, неопходна е директна вклученост на младинските организации и особено на општините во процесите на создавање на локални младински совети и креирање на локални младински стратегии, зошто од овие мерки бенефит ќе извлечат не само младите луѓе, туку и самите општини, истакна директорот Спасески и упати апел до градоначалниците и советите на општините поактивно да се зафатат со процесите на креирање на локални младински стратегии и совети.

Извршниот директор на колаицијата на младински организации СЕГА, Зоран Илиески потенцираше дека нивната организација во изминатиот период имала одлична соработка со Агенцијата за млади и спорт, што резултирало со креирање на вкупно 13 локални младински стратегии во исто толку општини во државата.

-Во 2010 година, Коалицијата на младински организации СЕГА со поддршка на Агенцијата за млади и спорт изработи Прирачник за креирање на локални младински стратегии, кој беше испечатен во тираж од 1.000 примероци и дистрибуиран до општините и младинските организации во Македонија, информираше Илиески, кој ја поздрави иницијативата на градоначалниците на Гази Баба и Бутел во нивните општини да се креираат локални младински стратегии.

Досега, вкупниот број на формирани локални младински совети во општините изнесува 31, а 17 општини во државава изготвиле локални младински стратегии.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.