Ќе се најде ли јунак во Ливерпул што ќе успее да го замени Суарез ?

По заминувањето на Луис Суарез, менаџерот на Ливерпул, Брендон Роџерс, посакуваше по секоја цена да доведе напаѓач од светска класа што достојно ќе го замени уругваецот.

Иако со огромен буџет на располагање, се чини дека екипата од „Енфилд роуд“ која купи неколку напаѓачи ова лето, меѓу кои и Марио Балотели од Милан, не успеа да пронајде достојна замена за фантастичниот напаѓач кој замина во тимот на Барселона. Ливерпул повторно се мачи како пред доаѓањето на Луис Суарез, многу тешко се снаоѓа пред противничкиот гол.

Од моментот откако пристигна во тимот Балотели постигна само еден гол, и тоа во Лигата на шампионите против Лудогорец.

– Ве уверувам дека Марио е она најдоброто што можевме да го купиме во летниот преоден рок. Во прашање е и пристапот на фудбалерот – изјави Брендон Роџерс.

Пред крајот на преодниот рок Ливерпул беше пред потпишување договор и со Самуел Ето, но тој во последен момент одлучи да го облече синиот дрес на лутиот градски ривал Евертон.

– Бевме свесни за ризикот со доведувањето на Балотели. Марио е вистинскиот избор, но ќе мора да поработиме на негов поголем придонес во играта на тимот – додаде менаџерот на Ливерпул.

Следниот натпреварт Ливерпул го игра пред домашната публика во рамките од Премиерлигата, а противник е ВБА.