Ќе се проценува штетата од невремето во Ресен

Поради невремето кое се случи вчера во Ресен, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски изврши посета на терен и заедно со градоначалникот на општина Ресен, Ѓоко Стрезовски направија увид на површините погодени од невремето. По извршениот увид заменикот министер Костадиновски и градоначалникот, Стрезовски одржаа состанок со земјоделците чии површини беа зафатени од невремето.

Со цел да им се помогне на оштетените земјоделци, градоначалникот на општина Ресен формираше пет комисии за процена на штета, чие задолжение ќе биде во најкус можен рок да извршат посета кај оштетените земјоделци и да констатираат за колкави штети станува збор.

Утре, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и градоначалникот на општина Ресен ќе ги посетат сите места кои беа зафатени од невремето, а потоа во општината ќе одржат средба со земјоделците, со цел да им се излезе во пресрет и да се изнајдат соодветни мерки за заштита од вакви непогоди во иднина.