Ќе се реши горливиот проблем на стечајците – со откуп на стаж до повисоки пензии

Околу 20.000 граѓани на кои им недостига работен стаж за да остварат пензија, со новите мерки на Владата кои вчера беа изгласани во Собранието, ќе може да откупат стаж со што би се решил долгогодишиот проблем на работниците од пропаднатите фирми.

Пред се’ се работи за лица кои работеле во периодот на транзицијата, а компаниите не им го плаќале стажот. Дел од категоријата коа ќе биде опфатена со овие мерки се и лица кои веќе се во пензија, но поради малиот стаж земаат помали пензии, како и лица кои се’ уште работат, но им недостига стаж за да се пензионираат.

Измените предвидуваат граѓаните да можат со повластена стапка, односно со мал износ кој допрва ќе се дефинира, да откупат стаж и да го остварат правото на старосна пензија. Граѓаните ќе можат да си го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за неплатени придонеси заклучно со 31.12.2008 година.

„Во периодот на транзиција и приватизација на претпријатијата во Македонија честа беше појавата правните субјкети да престанат да работат поради стечај, ликвидација, затварање заради преструктирање и неуспешно преструктуирање на претпријатие и притоа да не се платат придонесите за пензиско и инвалидско осигурување. Во пракса правните лица исплатувале придонес за здравствено осигурување заради овозможување на здравствени услуги на работодавачите, но не го плаќале придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Ова го овозможуваа и законските решенија коишто се применуваа до 2008 година за одделно плаќање на социјалните придонеси. Работниците не можеа да го остварат правото на стаж на осигурување и плата бидејќи не постои правен субјект кој ќе ја преземе обврската за да ги плати придонесите, што директно се одразува на стекнувањето  на правото на пензија. Овие работници и покрај извршената работа, немаат стаж на осигурување и не можат да остварат право на пензија, а доколку оствариле пензија, висината на пензијата е во мал износ или примаат најниска пензија. Со оглед на тоа дека во минатото постоеа различни основици за плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигуурвање, со новото законско решение се предлага пониска основица за плаќање на придонесот“, појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.

За да може да изврши плаќање на придонесот, работникот треба да има евидентирана пријава за почеток и крај на осигуурвањето кај правниот субјект (пријава М1/М2), да нема плаќање на придоенс од правниот субјкет за периодот во кој работникот работел, а правниот субјкет да престанал да постои.