Ќе се снима првиот документарец за „Охридско лето“

Фестивалот Охридско лето за прв пат од своето, повеќе од половина век, постоење ќе добие документарен филм.

Љубителите на уметноста конечно ќе имаат прилика да го погледнат патот на успехот на најпрестижниот фестивал на филмско платно, да ја видат сцената која преставува собиралиште на најпознатите светски звезди, најголемите македонски уметници, најатрактивните театарски куќи. 

Видео материјалот, кој ќе биде во траење од најмалку 40 минути, ќе го содржи патот на Фестивалот, од далечната 1961 година кога првенката на македонската Опера, Ана Липша Тофовиќ заедно со својот сопруг и неколку пријатели разгледувајќи ја црквата Света Софија запеа во прекрасната акустика на овој простор, па се до денес.

„Повеќе од половина век Фестивалот Охридско лето преставува најголемата културна музичко сценска манифестација, препознатлива не само кај нас туку и во светски рамки. Настанот кој дирекно го означи почетокот на Фестивалот Охридско лето низ овие изминати повеќе од 50 години веќе има добиено призвук на легенда. Токму тоа не потикна да размислуваме како сето тоа да го спакуваме, да остане вечно во архивите на фестивалот“, вели директорката на Охридско лето Елизабета Јанкуловска.

Во тек се подготовките, а се обезбедуваат и видео материјали од Фестивалот и настаните низ годините. Дел од материјалот е обезбеден од архивата на установата, а според раководството, од голема помош ќе бидат и материјалите од медиумите. Директорката Јанкуловска вели дека веќе се направени контакти со националната МРТ а во последните 2 години фестивалот направил комплетна видео и аудио документација за сите настани. Дел од снимките пак биле обезбедени и од најблиското семејство на Ана Липша Тофовиќ.

„Веќе подолго време правевме напори да ги обезбедиме оргиналните снимки од далечната 1961 година кога и започнува приказната Охридско лето. Семејството Тофовиќ за среќа тие материјали, кои за нас имаат непроценлива вреднаост, ги има зачувано и ни ги отстапи“, додава Јанкуловска.

Филмот ќе содржи и разговори со врвни истакнати личности, учесници кои ќе ја раскажуваат приказната „Охридско лето“.

„Ќе има многу видео материјали, музика, разговори со вработените и соработниците кои што се од самите почетоци на фестивалот, оние кои ја креирале политиката, директорите, членовите на управните одбори, селекторите, соработниците … Штета што претходните години не се водело сметка за аудио и видео архивата а постојат и фестивалски изданија за кои нема ниту еден запис“, вели првиот човек на Охридско лето.

Првиот документарец за Охридско лето ќе се реализира со подршка на Министерството за култура и Општина Охрид ќе се прикажува на јубилејното 55-издание.

„Охридско Лето е носечкиот фестивал преку кој се промовираградот и државата надвор од нашите граници и ќе може да се користи како туристички производ за привлекување на гости. Токму затоа сме благодарни што и Министерството и Општината го препознаваат бенефитот од ваквите проекти и во целост не поддржуваат. Охридско лето е единствениот фестивал со таква култура и традиција и преставува трајна вредност во Македонија. Со самото тоа што Министерството и општината застанаа зад овој проект убедени сме дека ќе направиме производ на кој сите со право ќе бидеме горди“, вели Јанкуловска.