Општина Охрид ќе субвенционира евтини авионски летови за Лондон

Охридската локална самоуправа распиша јавен повик за прибирање барања за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авио превозници кои во текот на летната сезона ќе летаат на релација Лондон-Охрид.

Согласно условите што ги определи Општина Охрид, новата дестинација треба да биде постојано опслужувана по однапред определен ред на летање.

Корисникот што ќе ја добие финансиската поддршка е задолжен најдоцна до 15 јуни оваа година да воведе лет на релација Охрид – Лондон, со два летови седмично во периодот од 15 јули до 15 септември годинава, како и во текот на целите 2015 и 2016 година. Притоа операторот треба да обезбеди превоз за најмалку 9600 патници годишно или минимум 800 на месечно ниво, во целиот период на користење на финансиската поддршка.

Во повикот уште се појаснува дека финансиската поддршка ќе биде доделена на авио-превозник што покрај иссполнувањето на условите утврдени во барањето ќе понуди и најнизок износ на финансиска поддршка во евра изразени во денарска против вредност по патник во пристигнување.

Рокот за доставување на барањата за учество во постапката истекува на 26 мај, кога ќе биде одржано и отворањето на пристигнатите барања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.