Ќе се укине директната линија Скопје – Берлин

Скопје останува без директна авионска врска со Берлин. Авиокмпанијата „Флај Германија“, која заедно со „Ер Приштина“ ја воведе оваа линија пред една година, реши да ја укине од крајот на октомври, односно со почетокот на зимскиот ред на летање, објави специјализираниот портал за авијација „Ексју авиејшн“, пишува „Дневник“.

Целосното укинување на линијата доаѓа по претходното редуцирање на неделниот број летови до Берлин. Односно, пред неколку месеци „Ер Приштина“ остана на само еден лет неделно од Скопје до германската метропола наместо првичните два лета во текот на неделата.

Дали и какви промени ќе има во авионските линии од македонските аеродроми ќе се знае деновиве откако Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе го објави зимскиот ред на летање. Освен укинувањето на летовите до Берлин, засега уште е извесно дека ќе има и помалку летови неделно до Љубљана, односно наместо сегашните 10 во текот на неделата, до словенечката метропола од Скопје ќе се лета само по еднаш дневно, пишува „Дневник“.