Македонија

Ќе се унапредува соработката Полог – Корча

Ќе се унапредува соработката Полог – Корча

Во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија во Тетово денеска се одржа конференција на тема „Прекугранична соработка и претприемништво“, на која се разговараше за потенцијалите за бизнис-соработка помеѓу регионот на Полог од македонска и Корча од албанска страна.

Конференцијата е финансирана од вториот повик во рамите на ИПА Програмата за прекугранична соработка.

Министерот за економија Беким Незири истакна дека ќе биде поддржана секоја идеја за соработка во економската сфера помеѓу коморите во Македонија и Албанија бидејќи, како што рече, со тоа се придонесува за подобрување на економската клима.

– На овој начин компаниите може да разменат информации за состојбите на пазарот во двете земји, а овие проекти финансирани од ИПА фондовите придонесуваат за зголемување на трговската размена помеѓу двете земји што во овој момент изнесува околу 100 милиони долари на годишно ниво, истакна Незири.

Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани посочи дека преку втората компонента на ИПА Програмата финансирана од ЕУ за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија досега се реализирани 47 проекти од областите на инфраструктурата, животната средина, културата и размена на информации од други области.

Шабани информира дека со четирите соседни земји Албанија, Косово, Грција и Бугарија досега се реализирани 200 проекти. Тој очекува дека новите програми за соработка за периодот 2014-2020 година кои се на усвојување во Брисел многу скоро ќе добијат зелено светло и ќе се реализират со поголем интензитет.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија Аиво Орав истакна дека ова е еден од приоритетите за поддршка на ЕУ за прекугранична соработка особено на полето на економијата, екологијата и социјалните политики и, како што истакна, претставува резултат на барањата на бизнис-секторот за подобрување на прекуграничниот бизнис и економска соработка.

– ЕУ ќе продолжи со ИПА 2 Програмата во периодот 2014-2020 година за што се планирани околу 12 милиони евра и очекувам дека новиот круг за предлози за проекти ќе се реализира во следните месеци, рече Орав.

Заменик-претседателот на Сојузот на стопански комори Сеад Кочан истакна дека преку овој проект се овозможува унапредување на соработката на компаниите од Македонија и Албанија, пред се регионите на Полог и Корча со овозможување на контакти, средби и дискусии, но и заедничка база на податоци од интерес на компаниите од двете страни од границата.

Додаде дека секое зголемување на новите пазари за одредена компанија значи дека таа мора да го зголеми својот капацитет и мора да ангажира нови луѓе за да ги задржи освоените пазари