Ќе се враќаат „легнатите полицајци“ во Ѓорче Петров

Претставници од СВР Скопје и полициската станица во Ѓорче Петров одржаа работна средба со председателите на урбаните и месни заедници и членивите на советите на која се разговараше за проблемите од безбедносен аспект кои непосредно ги засегаат граѓаните, пренесе МИА.

На средбата беше посочено дека во последно време се зачестени кражбите и другите кривични дела на целата територија на општината, но се напомена дека е евидентно и зголеменото присуство на мобилните полициски екипи на терен.

– Како најгорлив проблем беа наведени главните сообраќајници во општината и тоа улиците „Ѓорче Петров“, „4 јули“ и „Радушка“ каде воопшто не се почитуваат поставените знаци, а пешаците страдаат токму заради пребрзото возење на посочените улици. Од страна на граѓаните се апелираше за почесто присуство на сообраќајната полиција токму на овие точки, информираат од општина Ѓорче Петров.

Оттаму посочуваат дека граѓаните и полицијата заклучиле дека треба да се вратат во употреба „лежечките полицајци“ како превентивна мерка која во минатото даваше резултати, а пешаците се чувствуваа побезбедни.