Ќе се забрани ли солариумот за малолетници во Македонија?

Oколу 600 лица во земјава, годишно, заболуваат од рак на кожа. Станува збор за еден од најагресивните тумори, бидејќи многу брзо метастазира и зафаќа и други органи.

Покрај високото УВ зрачење, кое директно е поврзано со појавата на рак на кожа, значаен ризик фактор е и солариумот, особено ако го користат лица помлади од 18 години.

Солариумот за малолетници е забранет во неколку американски држави, во повеќето европски држави, а од минатата година и во Црна Гора.  Во Србија веќе се започнати стручни дебати на оваа тема. Во Бразил, пак, целосно е забранета употребата на солариумот.

Законска иницијатива за забрана на солариумот за малолетни лицакај нас се’ уште нема, но, многу е веројатно дека наскоро ќе се покрене. Министерот за здравство, Никола Тодоров, посочи дека забраната на солариумот за малолетници е тема за која што веќе е разговарано и ќе биде една од следните мерки кои министерството размислува да ги презеде во борбата против меланомот на кожата.

Дерматолозите децидни дека солариумот треба да се забрани  за младата популација.

„Не го препорачуваме, особено за малолетници. Истражувањата покажуваат дека ако малолетници до 16 години користат често солариум, ризикот за рак  на кожа се зголемува дури и до 80 отсто. Изгорениците се најголем ризик за рак на кожата, а тука се вклучува и солариумот. Младите се ризична група бидејќи изгорениците во раната возраст носат најголем ризик. УВ зрачењето е исто така правопропорционално со нивото на ризик од рак на кожа. Во најризична категорија се кожата фототип 1, кај лица со многу светла кожа, руса или црвена коса, светлосини или светлозелени очи, и фототип 2 кај лица со светла кожа, светла коса и сини или кафени очи“, вели дерматологот Сузана Камберова.

Истражувања од Светската здраствена организација, од 2009 година, укажуваат на тоа дека  солариумот е канцероген за луѓето и како таков е ставен во  категорија на најголем ризик за рак. Според истражувањата, 75 отсто од заболувањата од рак се појавиле кај луѓе кои користеле солариум пред 30-тата година.

Најголем ризик за заболат од меланом на кожа имаат лица кои многу често се изложуваат на сонце во текот на младоста и тие кои имаат повеќе од 50 младежи на телото, но и оние кај кои постои семејна анамнеза за тумор на кожата.

 

sol

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.