Ќе се зголеми парична помош за родителите со деца со пречки во развојот

Реализација на два нови проекти за помош и поддршка на децата со пречки во развојот, најави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на отворената владина седница.

Првиот предвидува зголемување на паричниот додаток за родителите кои имаат деца со пречки во развојот, а се приматели на социјална или постојана парична помош, а вториот за паричен надоместок за родителите на деца со Даунов синдром.

Со цел да можат да се реализираат проектите кои се во Програмата на Владата, предвидени се измени на Законот за заштита на децата.

– Воведуваме зголемување на месечната парична помош што се дава на родителите кои имаат деца со пречки во развојот, но се материјално необезбедени, во потешка финансиска состојба, односно оние кои се корисници на постојана и социјална парична помош. Вкупно има 1.131 ваков родител, а за реализација потребни се и обезбедени во Буџетот 13 милиони и 490 илјади денари, рече Спасов.

Дополнително, истакна ресорниот министер, се решава уште еден горлив проблем кој произлегол како резултат на средбите со родителите кои имаат деца со Даунов синдром.

– Досега не сите родители остваруваа парична помош за деца со Даунов синдром. Добиваа оние родители кои имаат деца со Даунов синдром, но и комбинирани пречки во развојот, какви се 180 дечиња. Меѓутоа помош не добиваа 88 родители на деца кои се категоризирани како деца само со Даунов синдром. Со овие измени и дополнувања на Законот за заштита на децата ја воведуваме како категорија и категоријата деца со Даунов синдром, што значи дека во јуни ќе почнат да остваруваат парична помош и родителите на овие деца, додаде Спасов.

За оваа намена се издвоени средства во висина од 18 милиони денари.