Ќе се зголеми посебниот додаток за децата со попреченост во развојот

Предложените измени на Законот за заштита на децата, кои се насочени кон поголема поддршка за деца со попреченост, деца со специфични потреби, телесни, интелектуални и комбинирани пречки беа усвоени од страна на Владата на Република Македонија на последната седница, а ќе стапат на сила започнувајќи од јуни 2015 та година.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска на прес конференција потенцира дека целосната инклузија на лицата со попреченост подразбира и финансиска помош од страна на државата.

-Согледувајќи ја потребата на родителите кои имаат деца со попреченост, а се во тешка финансиска положба, донесовме одлука за воведување на значително зголемување на посебниот додаток за оваа категорија на граѓани. Со измените овозможивме зголемување за 25% на посебниот додаток за материјално необезбедени родители. Проценките говорат дека првично ќе се опфатат 1.030 материјално необезбедени родители, од кои 919 се корисници на социјална парична помош и 111 корисници на постојана парична помош, истакна Спасов.

Клучно од измените на Законот е и овозможувањето да се оствари правото на посебен додаток за сите деца со Даунов синдром.

На годишно ниво за посебен додаток за децата со попреченост во развојот, министерството ќе издвои околу 18.690.940,00 денари. За реализација пак на финансиската поддршка за сите родители кои имаат деца со даунов синдром годишно се издвојуваат вкупно 414 690 000 денари за 6900 родители или 710 дечиња со попреченост.

-За реализација на финансиската поддршка за родителите кои имаат деца со Даунов синдром, се издвојуваат вкупно 414.690.000 денари за 6.900 родители или 710 дечиња со попреченост, рече Спасов.

Министерот најави дека во 2015 година ќе има нови проекти и иницијативи наменети за лицата со попреченост.