Ќе учиме од Хрватите како да развиваме туризам

Хотели, ресторани, кафулиња, спа-центри, но и нови плажи ќе никнуваат во Дојран, Љубаништа, Отешево, Стење, струшко Kалишта, од средината на следната година. Нови хотелски комплекси со многубројни содржини ќе има и во Берово, Kрушево, Попова Шапка и на Kожув, предвидува првичниот план за развој на туристичките развојни зони, објави Дневник.

Но, што точно, каде и како ќе се гради, ќе предложат странски консултанти, односно хрватската компанија „Хорват и Хорват консалтинг“ со која Министерството за транспорт и врски склучи договор за изработка на мастер-план за развој, вреден 170.000 евра.

Според договорот, компанијата до крајот на првата половина од следната година треба да достави детаљна анализа, план и конкретни предлози за развој на туристичките зони во земјава. Односно, што и на која локација е најдобро да се предвиди и гради. По добивањето на предлозите, ќе се склучуваат договори со заинтересираните инвеститори.