Ќерката на Србинот киднапиран од ИСИС: Тато ќе се врати дома!

Четиринаесетгодишната Ванеса, ќерка на триесет и деветгодишниот Далибор Савичиќ, Австриец со српско потекло кој на 6. март беше киднапиран од членови на Исламската држава во Либија, на Фејсбук го охрабри целото свое семејство и им порача дека нејзиниот татко ќе се врати дома.

Таа на социјалната мрежа крај фотографија од татко и на англиски јазик напишала „Главата горе. Бог најтешките битки им ги дава на своите најсилни војници“.

Дека семејството покрај неизвесноста и понатаму не ја губи надежта говори и фактот дека на овој нејзин статус одговорила и нејзината роднина која ја храбрела Ванеса.

„Наш херој. Ќе се врати тој дома“, напишала роднината.

Во меѓувреме Министерството за надворешни работи на Австрија, како и членовите на семејството на Далибор даваат се од себе.

Далибор Савичиќ и уште осум работници на претпријатието „Ваос“ се киднапирани по напад на терористи на Исламската држава, на нафтено поле на југот на Либија.