Спорт

КК Куманово доби суспензија од раководството на БИБЛ лигата

КК Куманово доби суспензија од раководството на БИБЛ лигата

Преку официјалната веб-страница на БИБЛ лигата, беше соопштено дека македонскиот претставник во ова натпреварување КК Куманово, ќе биде суспендиран на неодредено време.

Поради непочитување на обврските што клубот ги има кон БИБЛ лигата, челниците на оваа организација го суспендираа на неодредено време, барем додека не се разрешат недоразбирањата.

“За време на последниот месец, како и на последната домашна средба на КК Куманово, овој клуб не ги исполни обврските кон БИБЛ и не ги почитуваше маркетинг и медиа-правилата на нашето натпреварување. За жал, приморани сме да го суспендираме Куманово додека не бидат разрешени сите проблеми меѓу раководството на клубот и менаџментот на лигата. Нема да прифатиме и толерираме еден тим да биде повластен кога станува збор за обврските кон лигата. За оваа наша одлука денеска ја информиравме и Македонската Кошаркарска Федерација” – се вели во соопштението на Шај Стрикс, првиот човек на БИБЛ-лигата.

Кумановци моментно се наоѓаат на делба на второто место во својата група во БИБЛ-лигата, со скор од три победи и два порази. Македонскиот тим би требало својот следен меч од БИБЛ да го игра на 15 јануари, на гостински терен против Сутјеска, што значи дека има доволно време за недоразбирањата да бидат надминати, кумановци да ги задоволат правилата на лигата и да продолжат со натпреварување.