Клаус: Русија е традиционална европска сила

Русија е традиционална европска сила и грешка е таа да се исклучува иако нејзиниот политички систем е далеку од праведен, демократски и функционален, рече поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус на Конференцијата на Глобалниот форум во Баку, Азербејџан.

Според Клаус, украинската криза не треба да биде пречка во односите со Москва, поради тоа што таа е предизвикана пред се од внатрешните причини на Украина и на меѓусебните односи е неопходно да се погледне на долг рок, пренесе дописникот на МИА од Прага.

– Треба да престанеме да водиме стари, веќе долго време непостоечки битки. Јас сум многу фрустриран од фактот дека многу, инаку интелегентни и промислени луѓе ги повторуваат овие грешки – рече Клаус во својот говор оценувајќи дека е време за ослободување од предрасудите од времето на Студената војна.

Односите меѓу Русија и Западот, според него се од суштинско значење за иднината и нивното влошување е најопасниот феномен на денешницата, особено за земјите од Централна Европа со нивното историско искуство.

Клаус предупреди на опасноста од поедноставување на односите со Русија, за прашањата на украинската криза и губењето на способноста за гледање на работите во една целина.

Тој рече дека Русија и покрај сите разлики меѓу неа и западните земји во политиката или економијата се уште е традиционална европска сила.

– Политички не е Кина, Пакистан или Саудиска Арабија – истакна Клаус сметајќи дека Москва треба да има шанса да го најде своето место на меѓународната сцена.

Клаус исто така, додаде дека проблемите во односите на Русија и Запад се во ослабнувачката сила на Европа и Западот, воопшто.

– Целиот континент е се повеќе загрозен од неефикасната и од слободата и демократијата ослабена форма на европска интеграција како и политичкиот, економскиот и социјален модел, кој се крие зад неа. Без тоа, никаков чекор напред не е можен – рече поранешниот претседател на Чешка.