Клековски за потегот на професорскиот пленум: Не знаат што прават

Тоа што професорите не влегоа во Собранието во понеделникот, кога се одржуваше дебатата за реформите во високото образование, е само потврда дека внатре во професорскиот пленум, всушност постојат несогласување и разлики, односно професорите не знаат што точно сакаат и не можат да ги избалансираат ставовите.

Вака аналитичарот Сашо Kлековски гледа на одлуката на професорскиот пленум, кој во понеделникот прво прифати дебата во Собранието на предлог на премиерот Никола Груевски, а потоа се премисли и воопшто не влезе во законодавниот дом. Според Kлековски, професорите освен што имаат единствена цел, а тоа е измените на Законот за високото образование да се повлечат, односно да не се донесат, за сите други забелешки се несогласни, пишува Дневник.

– Барањето на професорскиот пленум да се повлече законот всушност значи одбегнување да се соочат. Самиот пленум има проблем зашто групата е хетерогена, односно тоа се професори, луѓе со различни филозофски и политички погледи, и освен желбата да не се измени законот, што е заедничка, не можат да ги изменаџираат останатите разлики во ставовите и тоа е причината за понеделничкиот потег. Не можат да постигнат согласност што точно сакаат, смета Kлековски.

Во врска со ова побаравме мислење и од неколку други аналитичари и професори, но децидно изјавија дека не сакаат да коментираат. Дел од нив сметаат дека не е момент да оценуваат потези на свои колеги, а другите чекаат најпрво „да се искристализираат“ работите, па ќе си го кажеле своето мислење.

Инаку, во понеделникот расправата беше првично закажана во хотелот „Александар палас“, но претставниците на професорскиот пленум се премислија со образложение дека било „несериозно“ да се дебатира за високо образование во хотел. На премиерот му се обратија со зборовите дека местото на расправата треба да е законодавниот дом, по што Груевски предложи дебатата да се одржи токму таму. Професорите одговорија потврдно, но само по неколку минути, кога пристигнаа пред Собранието се премислија.

Пред вратата за медиумите уште еднаш изјавија дека се против предлог-измените, и порачаа дека ако предлогот помине и второ читање, ќе пристапеле кон граѓанска непослушност и протести. (И.K.)

ФОТО: Република.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.