Климовски: На опозицијата и недостига политичко здравје

На Македонија ѝ е потребна здрава, патриотска, силна опозиција, како насушен леб.  Професорот Александар Климовски на вчерашната трибина на Граѓанското движење за одбрана на Македонија во Куманово рече дека граѓаните се изложени на психолошки терор, кој доаѓа од центар на параноја, од страна на лидерот и потесното раководство на опозицијата.

– Наметнаа проблем со лиферување противзаконски ленти, информации на тие ленти, со цел да создадат одредена тензија. Очигледно дека на таа партија ѝ недостига политичко здравје – рече Климовски.

Граѓаните, според него, не ги интересираат одредени стории, разговори во кои не може да се види ништо криминално.

– Документите што се пласираат немаат правна валидност – рече Климовски, кој појасни дека случајот има и правна и политичка димензија. Во однос на политичката, посочи Климовски, се работи за гола борба за власт со нелегитимни средства.

– Никаква вистина за Македонија, под таа парола со која настапуваат никаков патриотизам, напротив типично предавничко дејствување, особено ако се има предвид фактот на кој начин се добиени тие информации, тие ленти кои се употребуваат меѓу народот, а тоа се од странски служби – рече Климовски. Правната димензија си бара правна разрешница.

– Случајот е покренат од страна на премиерот против лицето З.З. Поднесена е кривична пријава за нарушување на уставен поредок и за уцена – рече Климовски. Според него, станува збор за класична уцена.

– Сега сме во меѓуфаза кога Јавното обвинителство ги разгледува доказите – рече Климовски, но како професор истакна дека начинот на кој се добиени цедеата е нелегален, со што се губи валидноста на документите. Документите, според него, не можат да се употребат во судски процес за утврдување криминал кој не се гледа. Откако ќе се проверат, рече Климовски, од страна на Јавното обвинителство, тогаш може да се бара меѓунардона помош на ниво на техничка експертиза и ништо повеќе.