Климовски: Разумно решение за решавање на кризата се нови избори (ВИДЕО)

Расте гневот кај народот, разумно решение и најбезболен начин е да се оди на нови парламентарни избори заедно со локалните и лично мислам дека истоврeменото одржување на локалните и парламентарните избори е најбезболниот начин да се излезе од оваа ситуација, рече универзитетскиот професор и поранешен претседател на Собранието, Саво Климовски во интервју за Сител.

 

„Стравувам од друго нешто, нараснува гневот кај народот и во таква една ситуација можам да им честитам на тие организатори на собирите на коишто неколкупати сум бил и знам тоа како оди, кои што, сепак, го контролираат тој гнев, тоа е многу тешко, со таква маса која е распространета низ четириесет градови низ Македонија“, рече Климовски.

 

„Клучот на решавање на состојбата доколку сака да биде безболен лежи токму во рацете на ДУИ, на г-дин Али Ахмети. Тој сé уште мери, сé уште премерува, ова им е историски момент да ги реализираат основите на Призренската платформа. Мислам дека албанските партии сега се пресметуваат. Ако дојде до смирување, ако се повлечат, можно е да се појават некои радикални барања кај Македонците како што ги слушам, дај да го преиспитаме и Охридскиот договор, и хашките случаи и сé друго, зошто сметаме дека тие се донесени под диктат, тоа никако не смее да се направи. А, од друга страна можеби треба да се побара од албанските партии да покажат зрелост, разум и да ги остават тие прашања настрана, да ја повлечат платформата, па во една смирена ситуација да видиме што од тоа таму е рационално, реално, да се погледне, да се види, во смирени околности кои би настанале после изборите. Тоа е разумното решение, треба да се седне, да се формулира во неколку точки, тоа треба да се потпише и да се оди на нови избори“, оцени Климовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.