Македонија

Клинички центар сам ќе произведува струја и греење

Клинички центар сам ќе произведува струја и греење

Клиничкиот комплекс „Мајка тереза“, за една година ќе се снабдува со топлинска и електрична енергија од сопствена електрична централа, со што би се заштедиле околу 10 милиони денари годишно. На последната владина седница е одлучено да се почне постапка за изградба на когенеративна електрична централа преку јавно приватно  партнерство, при што критериумот за доделување на договорот на приватниот партнер ќе биде најниско понудена цена за топлинска енергија и електрична енергија од постојната цена.

„Со изградбата на оваа постројка, имаме направено проценка дека ќе заштедуваме дополнителни 10 милиони денари годишно, а овие средства, како и сите останати кои ги остваруваме како резултат на заштеди, ќе бидат инвестирани за подобрување на севкупниот здравствен систем во државата. Почетните цени што ќе бидат предмет на негативно наддавање треба да бидат: за топлинска енергија испорачана од котлара/когенерација минимум 5% пониска од сегашната цена од 4,01 ден/, а за електричната енергија произведена и испорачана од когенеративната постројка за 5% пониска од постојната цена од 6,33 ден/kW/h која се плаќа на ЕВН, т.е. од цената која важи во моментот на производство освен ако не дојде до промена на цената од страна на регулаторна комисија.

На овој начин ќе се обезбедат околу 98 отсто од годишните потреби за електрична енергија, а многу мал дел околу 2 отсто ќе се набавува на пазарот на електрична енергија“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Изградбата на когенеративна електрична централа, која ќе работи ан гас, се проценува на 2 милиони евра, а нејзините годишни трошоци на 2,5 млиони евра.

Клиничкиот комплекс , од ноември 2013 година се затоплува на гас, и досега  се заштедени над 40 милиони денари . За илустрација на месечно ниво, за месец јануари 2013 за затоплување со мазут се потрошени речиси 20 милиони денари, а во јануари 2014 година по извршената гасификација се потрошени околу 14 милиони денари, со што заштедата изнесува над 5.5 милиони денари. Во ноември заштедата е најголема и изнесува над 6.7 милиони денари.