Клинички ќе гради хотел за родителите од внатрешноста чии деца лежат во болница

Родителите чии деца се на подолг престој во Детската клиника, а не се од Скопје, наскоро ќе имаат можност да престојуваат во хотел за родители во близина на своите деца додека се на лекување, најавуваат од Министерството за здравство, пренесе Дневник. Покрај тоа што беа измачувани од грижи за здравјето на своето дете, родителите досега имаа голем проблем каде да преноќат додека детето лежи на Kлиника.

Според весникот, хотелот ќе се гради во рамките на Kлиничкиот центар, поточно ќе биде дел од катната гаража чија изградба ќе почне деновиве.

Ова ќе биде вистинско олеснување за стотици родители чии деца се лекуваат на Kлиниката, а живеат во внатрешноста на Македонија, дел од нив досега спиеја кај роднини или на столче покрај децата.

Од кабинетот на министерот Никола Тодоров велат дека во согласност со планот за изградба на Kлиничкиот центар „Мајка Тереза“, се предвидува да се изградат две катни гаражи, а во еден од објектите предвидена е можноста 30 отсто од вкупната површина на објектот да биде искористена за изградба на хотел токму за родители.

Директорката на Детската клиника, Аспазија Софијанова, вели дека проектот за хотел за родители е многу важна работа како за родителите, но пред се` за болните деца.

„Љубовта и нежноста на родителите кога детето е болно и лежи во болница, ја победува половина болест. Kога родителите се близу до децата, се` е полесно, најмногу за децата. Многу е важно отворањето на хотелот бидејќи секој родител ќе биде во близина на своето дете, а навечер кога му е потребен момент да си ја поврати силата за да може утредента да му се посвети на детето, ќе има каде да се одмори. Факторот родителите да бидат во близина ја зголемува самодовербата кај детето, а тоа е многу важно особено ако е во болница“, вели Софијанова.

Од кабинетот на министерот за здравство Тодоров за Дневник велат дека се планира првата катна гаража да биде лоцирана на празниот простор помеѓу Инфективната клиника и Фармацевтскиот факултет и нејзината градба ќе се почне веднаш по склучување на договорот. Втората гаража ќе се гради на сегашната локација на Институтот за туберкулоза, откако ќе биде преселен во новиот Kлинички центар. Двете катни гаражи, ќе имаат по седум ката, ќе има и деловен простор со површина од по 4.000 квадратни метри. Во втората катна гаража ќе се гради и хелиодром.

Во сите поголеми европски и светски клиники во кои се лекуваат деца, постојат специјализирани хотели за престој на родителите. Вообичаено, тие се наоѓаат во кругот на Kлиничките центри и со нив управуваат хуманитарни организации. Престојот на родителите во овие хотели најчесто не се плаќа, туку го покрива здравственото осигурување на пациентот.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов вели дека станува збор за многу хуман проект.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.