Македонија

Клинички патеки за третман на лица со малигни заболувања

Клинички патеки за третман на лица со малигни заболувања

Министерството за здравство од денеска на својата веб-страница ги постави 32. клинички патеки за третман на лица со малигни заболувања, изработени од стручни лица членови на тумор-бордовите од повеќе области на медицината. Изготвените клинички патеки се за третман на малигни заболувања кои најчесто се појавуваат како што се карцином на дојка, на бели дробови, меланом, карцином на кожа, коскени тумори, истакна министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес-конференција, нагласувајќи дека станува збор за новина која ја нема во поширокиот регион.

-Оваа новина е особено значајна имајќи во предвид дека станува збор за чувствителна категорија на лица кои поради природата и типот на болеста не смеаат или не треба да чекаат. Целта со дефинирањето на клиничките патеки е да се утврди максималното време на чекање, односно од моментот на појава на индикација (суспекција) до извршување на првата дијагностичка процедура да не поминат повеќе од седум дена, а за добивање на хистопатолошки наод да не се чека подолго од 21 ден, посочи Тодоров.
Министерот прецизираше дека станува збор за максимални рокови кои можат да бидат и пократки, но во одредена ситуација тумор-бордот може да го зголеми рокот доколку е потребно да се направат дополнителни испитувања, да се добие второ мислење или, пак, материјалите да се пратат во друга установа во земјава или странство.