Клинсман не доби поклон од Германија

Иако сите помислија дека ќе нема победник на тој натпревар, дуелот од последното коло во групата “Г”, пресметката помеѓу репрезентациите на Германија и САД, заврши со минимален триумф на популарните “панцири”.

Погодокот вреден три бода и погодокот со кој е освоена првата позиција, постигнат во 55 минута беше дело на Томас Милер, кој го запиша својот четврти погодок на Мундијалот во Бразил, израмнувајќи се со Лионел Меси и Бразилецот Неимар.

Германија за противник во 1/8 финалната рунда ја доби репрезентацијата на Алжир, а селекцијата на САД и покрај минималниот пораз обезбеди палсман во следната рунда каде за противник го има незгодниот тим на Белгија.

“Ова е голем успех, бевме дел од една многу тешка група, но изборивме пласман во следната рунда. Знаев дека не очекува многу тежок натпревар иако и двете репрезентации имаа потреба од еден бод. Мислам дека покажавме преголем респект кон противникот, особено во првите 20 минути од натпреварот. Располагам со многу силен тим, со фудбалери кои се гладни з успех”, изјави селекторот на САД, Јирген Клинсман.