Клинтон победи во Порторико

Претендентот за претседателски кандидат на Демократската партија Хилари Клинтон победи на внатрепартиските избори во Порторико, пренесоа светските агенции.

Си-Ен-Ен и Ен-Би-Си јавија за победата на поранешниот американски државен секретар, шест часа по затворањето на избирачките места на оваа американска територија, која учествува на првичните партиски избори, но не и на претседателските.

Според резултатите од пребројувањето на гласачкиот материјал на 22 отсто од избирачките места,  Клинтон освоила 64 отсто од гласовите наспроти 35 отсто за вториот претендент за претседателската кандидатура на Демократската партија, Берни Сандерс.

Пред распределбата на 67-те пратеници од Порторико, Клинтон имаше потреба само од околу 60 пратеници за да ги достигне неопходните 2.383 делегати, со кои ќе ја освои кандидатурата на својата партија, забележува  ДПА. Сега неа и требаат помалку од 30 делегати, посочуваат американските медиуми.

Се  очекува Клинтон конечната победа на првичните избори да ја обезбеди во вторник. Тогаш ќе гласаат шест држави, вклучувајќи ја и Калифорнија, кои вкупно имаат 694 делегати.

Берни Сандерс, меѓутоа, ги оспорува овие резултати и изјави дека „суперделегатите“ не треба да влегуваат во конечната бројка, затоа што нивните гласови ќе станат официјални дури на конвенцијата на Демократската партија во Филаделфија, што ќе се одржи од 25 до 28 јули. Тој подвлече дека до крајот на јули има многу време.

Сандерс изјави дека се срами од наклонетоста на Клинтон внатрешните конфликти во други држави да ги решава со помош на американските вооружени сили, забележа  ТАСС. Во 2003 година тогашната сенаторка Клинтон гласаше за испраќање војска во Ирак, што подоцна го оцени како грешка.

– Мислам дека нејзината поддршка  за војната во Ирак не била само обична грешка, подвлече Сандерс. Тој посочи дека како државен секретар на САД таа била меѓу поддржувачите на соборувањето на Моамер Гадафи, „што доведе до моменталната нестабилност во Либија“.

-Тоа се совпаѓа со нејзините погледи за Сирија, каде таа сака да создаде зона за забранети летови, што, според мене, може да не доведе до бескраен конфликт во овој регион, подвлече Сандерс.

Тој додаде дека „светот би бил подобро место без диктатори, но има начини за нивното отстранување од власта, кои не водат до масовна нестабилност и смрт на стотици илјади луѓе“.