„Кливленд“ по продолженија направи брејк во Торонто

Кошаркарите на „Кливленд“ направија брејк против „Торонто“ во првиот меч од полуфиналето во Источната конференција од НБА лигата, а актуелниот шампион ја зголеми предноста во западното полуфинале против „Њу Орлеанс“ на 2:0.
Вчерашните мечеви беа исклучително интересни, а на мечот во Торонто беше избегната тепачка меѓу познатиот рапер Дрејк и помошниот тренер на „Кливленд“, Кендрик Перкинс.

„Кавалирси“ предводени од Леброн Џејмс дојдоа до триумф по продолжение со 112:113. „Торонто“ испушти победа во регуларниот дел од мечот. Имаше константно водство, предност на моменти и од +14 во третата четвртина, но попушти во самиот финиш. Домаќинот имаше и + 5 на почетокот на последниот период, што е ситуција во која сезонава „Торонто“ имаше 30 победи и само еден пораз. Прво Леброн погоди за израмнување 105:105 на 30 секунди пред крајот, а потоа „Репторси“ му дозволија и шут за победа, но „Кралот“ промаши. Во продолжението „Кливленд“ дојде до прво водство во 50 минута и го задржа до крајот.
Џејмс имаше трипл-дабл од 26 поени, 13 асистенции и 11 скока, Џеј Ар Смит дополни со 20 поени, а Кајл Корвер постигна 19 поени. Кај „Торонто“ одлични беа Демар ДеРозан со 22 поени и Валанчиунас со 21 поен и 21 скок.

Капитенот на „Голден стејт“, Стеф Кари се врати на паркетот прв пат по 23 март и повредата на коленото, па постигна 28 поени за 27 минути, откако влезе во игра од клупата. Во победата од 121:116 Кари додаде и 7 скока и две асистенции, а поефикасен од него беше само Кевин Дурант со 29 поени. Дрејмонд Грин после трипл-дабл ефектот во првиот натпревар, вчера имаше 20 поени, 12 асистенции и 9 скока.
На спротивната страна, Ентони Дејвис запиша 25 поени и 15 скока, а Холидеј постигна 24 поени со осум асистенции и осум скока. Раџон Рондо беше одличен со 22 поени, 12 асистенции и 7 скока.