Спорт

Клоп: Ројс направи херојски потег со кој ги усреќи сите во клубот

Клоп: Ројс направи херојски потег со кој ги усреќи сите во клубот

Пред два дена речиси целиот фудбалски свет беше убеден дека фудбалерот на Борусија Дортмунд, Марко Ројс на лето ќе премине во некој од европските гиганти, пред се во Реал Мадрид или Барселона.

Но токму во вторникот офанзивецот на “милионерите” од Дортмунд се реши да стави крај на тие шпекулации и да потпише нов договор, со кој се обврза да остане на “Сигнал Идуна Парк” до 2019 година.

Овој потег подеднакво ги збуни, но и ги импресионираше сите кои будно ги следеа случувањата околу името на овој фудбалер, а особено среќен од ваквиот расплет беа тренерот Јирген Клоп и соиграчите.

“Навистина сум среќен што Марко донесе ваква одлука. Тој сега е далеку порелаксиран и мислам дека тоа многу ќе влијае на неговата игра и неговата самодоверба. Неговиот херојски потег беше поздравен со овации во соблекувалната, а сигурен сум дека ќе добие голем аплауз и од нашите навивачи на наредниот натпревар”, – изјавил Клоп за германските медиуми.

Шанса навивачите да го поздрават новиот херој на Борусија ќе имаат веќе утре, кога “милионерите” на домашен терен ќе го пречекаат Мајнц.