Магазин

Клуб Матица во Битола од 2. до 5. април

Клуб Матица во Битола од 2. до 5. април

„Да читаме повеќе за да бидеме подобри луѓе, а мудроста од книгите да ја преточиме во нашето секојдневие. Да читаме повеќе за нашите зборови да бидат полни со убавина, а од зборовите што ги користиме да создаваме само романтични приказни“.

Клубот Матица во соработка со Центарот за култура во Битола, од 2-ри до 5-ти април, во и пред Центарот ќе организира саем на книгата. „ДА“ за КНИГА во Битола, со исклучително богата и разновидна понуда со автори, наслови и илјадници приказни. Во рамките на Саемот, ќе бидат организирани и неколку промоции и претставувања на најновите дела од истакнати македонски писатели кои потекнуваат, живеат и творат во Битола.

Вечерва, со почеток во 19:00 часот, во малата сала на Центарот за култура во Битола ќе се одржи промоција на најновата поетска книга на Раде Силјан „Отворена книга“, а за делото ќе говори Златко Жоглев, ректор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола.

Во петок, 3 април, во 12:00 часот ќе се одржи средба со Добре Тодоровски, а ќе биде претставена неговата најнова книга „Трите смртни пресуди на Павел Шатев“.

Во сабота, 4 април, во 12:00 часот ќе биде претставено творештвото на Петре Димовски.

Во недела, 5 април ќе бидат донирани книги од продукцијата на издавачката куќа Матица македонска на институции во градот.

„Да читаме повеќе за да бидеме подобри луѓе, а мудроста од книгите да ја преточиме во нашето секојдневие“. Ова е меѓу другото еден од основните мотиви за турнеја на книгите низ Македонија, која од денеска започнува во Битола.