Книга на жалост за загинатите полицајци

Книга на жалост за загинатите припадници на МВР во антитерористичката акција во Куманово е отворена пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Иницијативата е на „Здружение на бранители 2001 Куманово“ и уште неколку граѓански здруженија за да им се оддаде почит на оние кои ги дадоа животите за враќање на мирот и безбедноста.

– Книгата на жалост ќе биде отворена до 19 часот и во неа граѓаните на Куманово ќе можат да ги изразат своите чувства, пораки кон загинатите херои и нивните семејства. По завршувањето книгата ќе биде предадена во Министерството за внатрешни работи, каде што читајќи ги тие пораки ќе сфатат колку народот е со нив, и колку им дава поддршка“, изјави Предраг Петрушевски, претседател на „2001 Куманово“, пренесува Куманово њус.

Граѓаните, како што пишува локалниот сајт,  во ред чекале за да се потпишат во книгата на жалост, а можноста да се потпише ја искористи и министерот за здравство, Никола Тодоров, кој во понеделник беше во кумановската болница да иске благодарност на тамошните лекари кои пружаа прва помош на настраданите во полицикста акција против терористите, во кумановско Диво насеље.

„Напишав да почиваат во мир. Им кажав дека ќе ги славиме, нема да ги заборавиме. Тие загинаа за нашата слобода“, вели Далибор Петковски, граѓанин.

Во акцијата во Куманово загинаа Жарко Кузмановски од тетовското село Брвеница, Ненад Серафимовски од гостиварско Зубовце, Сашо Самојловски од Тетово, Бобан Ивановиќ од Скопје, Горан Илијевски од Гостивар, Исамедин Османи од скопско Студеничани, Љубиша Арангеловиќ од Скопје и Горан Стојменовиќ од скопско Миладиновци.

Во книгата се потпиша и министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска беше во Куманово, каде ги посети Општата болница и службата за Итна медицинска помош при Здравствениот дом.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.