„Книга во секој дом“ – 17 години традиција во Клубот Матица

Клубот Матица, традиционално, 17-та година по ред го организира зимскиот Саем на Книгата „Книга во секој дом“ , годинава збогатен со новиот слоган „Купи и прочитај книга, остави нешто зад себе“.

Како и секоја година, читателите и членовите на Клубот, ќе имаат голем избор од илјадниците автори, книги и приказни за сечиј вкус и цени за сечиј џеб и стандард. Белетристика, семејни приказни, автобиографии, фанстастика, филозофија, психологија, историја, драма, трилер, мистика, гастрономија, право и политика, лексикографија, енциклопедии за деца и возрасни, духовна литература, поезија, креативни и друштвени игри…

Ова е дел од понудата која годинава ќе биде збогатена и од партнерите Делфи и Лагуна од Белград, Парагон и Орион од Лондон.

Од статистичките податоци во изминативе години изразен е зголемениот бројот на читатели во нашата држава, а радува податокот што сè повеќе млади луѓе ги посетуваат книжарниците и сакаат да имаат книга повеќе во своите домашни библиотеки.

Секојдневно, на Саемот на Книгата ќе има автори-домаќини, кои ќе ги презентираат и потпишуваат своите најнови дела. Имено, во четврток, 21 јануари автор-домаќин ќе биде Ана Бунтеска, во петок, 22 јануари читателите ќе имаат можност да се сретнат со Ксенија Николова, во сабота, 23 јануари автор-домаќин ќе биде Јелена Бачиќ Алимпиќ, неделата е резервирана за момчето што ги освои симпатиите и срцата на читателите, Јован Илиевски…

Секој ден до 31-ви, автори-домаќини ќе бидат и Зорица Петковска, Евгениј Хоуп, Илина Ведран, Ана Јовковска, Верче Карафилоска итн.

„Ваквиот начин на комуникација автор-читател ги потврдува нашите ставови дека во Македонија има млади, талентирани автори кои знаат да направат светска приказна, а македонските читатели знаат да го препознаат тоа“, велат од Матица.

И за овој Саем, Клубот Матица останува на традицијата „…и нови, и саемски“, или секој ден по еден нов наслов со саемска цена, а публиката ќе има можност да се насладува на убавите зборови и мисли со најновиот роман од италијанската трилер сензацијаДонато Каризи „Господар на злото“, „Волци и ангели“ од Сепо Јокинен, „Мрачни тајни“ од Ханс Розенфелд, најновите дела на Неле Нојхаус, Роберт Херис, Линвуд Баркли, Манфреди, Лусинда Рајли,  унгарскиот нобеловец Шандор Мараи, скандинавскиот книжевен фено-мен Кирс Копланд и многу други.

Позитивниот став кон книгата и организацијата на вакви кампањи го видоа и партнерите на Клубот  од соседството, Делфи и Лагуна, како и големите Парагон и Орион, а со нивното учество спектарот на наслови и автори во генералната понуда се зголемува за неколку илјади. Безвременските дела на Марио Варгас Љоса, Сарамаго, Мо Јен, Џорџ Мартин, Амин Малуф, Харлан Кобен, Патерсон, Баркли… ќе бидат достапни со цени прилагодени на македонскиот книжевен пазар.

Читањето е феноменот на масовната комуникација!