Книга за дипломатија и феминизам од Нела Ташковска

Книгата „Дипломатија и феминизам: Каде се жените во политичката медијација“ од младата авторка Нела Ташковска ќе биде промовирана на 18-ти октомври 2014, во 12.30 часот во просториите на фондацијата Никола Кљусев.
Авторката е магистер по дипломатија, феминизам и човекови права. На промоцијата ќе зборуваат Лилјана Поповска, претседателка на Комисијата на еднакви можности на мажите и жените во Собранието на Република Македонија и Даниела Димитриевска, извршен директор на Македонското женско лоби.
Авторката за прв пат својата книга ја има издадено во САД за Проквест УМИ. Книжевниот труд претставува научно истражувачки проект низ кoj се анализира сферата на дипломатијата од родово сензитивна перспектива и кој нуди нов пристап и стратегии за применување на политичката медијација. Оваа книга дава одговор на прашањето зошто се уште светската дипломатија не е наклонета кон поголемо присуство на жени амбасадори и кои се причините за тоа. Овој проект нуди детална анализа на политичките одлуки и долгогодишната кариера на една од најзначајните женски политички фигури во меѓународната дипломатија, поранешниот американскиот државен секретар Хилари Клинтон. Анализирајќи ги главните предизвици со кои Хилари Клинтон се соочи во дипломатската сфера, оваа книга има значајна образовна вредност како иновативен и политички релевантен труд за водењето на една прогресивна модерна политика во светски рамки.
Нела Ташковска е родена на 30ти мај, 1988 година., во Скопје. Своето образование го има завршено во САД, каде дипломирала на Универзитетот Пурдју, отсек политички науки и магистрирала на Универзитетот Розевелт во Чикаго, отсек дипломатија, феминизам и човекови права. Ташковска има повеќегодишно искуство работејќи во одделот за политички настани при Советот за надворешна политика во Чикаго, организирајќи политички дебати и панели со високи претставници од Американската влада како Ал Гор и Хилари Клинтон. Авторката има учествувано на многубројни политички конференции, а во 2011 година била главен претставник на Република Македонија на АМОН (Американски модел на Обединети нации) на тема спорот со Грција. Има напишано голем број на трудови од областа на политичката филозофија и дипломатијата работејќи како главен асистент на Џосеф Лоунди проектот за заштита на човековите права во Чикаго. Ташковска воедно е и рецензент на книгите „Јавно мислење и меѓународна интервенција: Војната во Ирак“ и „Човековите права во светот после терористичките напади на 11 септември“.