Книгата на Филип Давид ,,Куќа на сеќавањата и заборавот“ преведена на македонски јазик

Романот на познатиот белградски писател Филип Давид ,,Куќа на сеќавањата и заборавот“, само месец и пол откако ја доби престижната награда на неделникот НИН за роман на годината, се појави на македонски јазик. Издавач на овој роман е ,,Везилка 2011“ а преводот на македонски јазик го направи писателот Ристо Лазаров, кој е автор и на поговорната белешка.

Инаку, романот ,,Куќа на сеќавањата и заборавот“ веќе се преведува и ќе објавен во сите екс-југословенски центри, а најавен е и превод на повеќе од десетина јазици во светот. Во Белград романот предизвика огромен интерес и доживеа извонреден успех и четири изданија во вкупен тираж од над 50.000 примероци.

,,Куќа на сеќавањата и заборавот“ одличен роман, напишан едноставно и говори за трагичната судбина на Евреите и мрачните времиња на Холокаустот, концентрационите логори, нацизмот и фашизмот, низ потресните приказни кои, маестрално компонирани, затвораат еден круг на злото. Романот е, всушност, литературно сведоштво за мрачните времиња и злото.

,,Kуќата на сеќавањата и заборавот“, како што забележува во поговорот Ристо Лазаров, конечно го ситуира Филип Давид таму каде што му е местото, меѓу добитниците на престижната награда на НИН, веднаш до неговите најдобри другари и браќа по перо – Данило Киш, Борислав Пекиќ и Мирко Ковач. Сo тоа уверливо се  потврди постоењето на големата четворка во екс-југословенска литература: Киш, Ковач, Пекиќ и Давид.