Книжевно жезло за Иван Чаповски и Николаи Дабижа

Наградата „Книжевно жезло“ на Друштвото на писателите на Македонија за поетски опус со високи естетски вредности ја добија македонскиот поет Иван Чаповски и поетот од Молдавија Николаи Дабижa.

Како што соопшти македонската писателска асоцијација, одлуката едногласно ја донел Организацискиот одбор на Меѓународната манифестација „Празник на липите“ што се одржува во рамките на програмските активности на ДПМ. Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на централната приредба на оваа манифестација, во јуни идната година. Друштвото на писателите ќе објави посебна публикација со избор од поезијата на лауреатите на македонски, молдавски и на англиски јазик.

Иван Чаповски (1936) е автор на повеќе стихозбирки, меѓу кои: „Пепел под маслините“, „Дожд, по дождот Вера“, „Евангелисти“, „Убавата разделина“, „Лаѓа“ и „Затвори“. За својот книжевен опус, како поет, романсиер и раскажувач, добитник е на наградите „13 Ноември“, „Рациново признание“ и „Стале Попов“. Член е на ДПМ од 1963 година.

Молдавскиот поет Николаи Дабижа (1948) е автор на 40 книги поезија, проза, критики и есеи. Познати се неговите стихозбирки „Трето око“, „Приказни од мостот“, „По стапките на Орфеј“, „Анонимниот сликар“ и „Изолирана тишина“. Добитник е на државната награда на Република Молдавија. За својата поезија е наградуван и во Италија, Русија, Србија, Германија и Украина. Член е на Молдавската академија за наука и уметност. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.