Ко Ун: Македонија и Јужна Кореја се слични во страдањата

Македонија и Јужна Кореја се слични во страдањата зашто во двете земји се пролеани многу солзи. Името на Македонија е славно и распространето во историјата на човештвото и низ годините многу страдало… Кога ќе се вратам во мојата земја и кога ќе пишувам поезија, многу слики и пејзажи од Македонија ќе бидат дел од неа, истакна 81-годишниот Ко Ун, 49-ти лауреат на Струшките вечери на поезијата, кому в недела во Струга ќе му биде врачено високото фестивалско признание.

 Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на венценосецот му подари теракота и монографија „Чудесна Македонија“.

Ун е меѓу најзначајните имиња на светската поезија. Роден е во 1933 во градот Гунсан, во корејската провинција Чола, во време кога земјата била под окупација на Јапонија. Огромниот опус од 150 дела на Ун не може да се спореди со творештвото на ниту еден жив автор во светот. Напишал повеќе од кој било корејски поет. Издал 140 книги од кои 50 се книги поезија. Комплетното творештво објавено пред неколку години е собрано во 40 томови.

Ален Гинзберг го опишал како „грандиозен поет, комбинација на будистичка маестралност, страстен политички либерал и историски натуралист“, а дека пезијата на Ко Ун ја отсликува корејската душа.

Во најраниот творечки период, од 1952 до 1962, тој е монах на екстремна зен пракса, од 1962 до 1972 неговиот поглед кон нештата е темен и нихилистички, со очај и себеотфрлање, а помеѓу 1973 и 1983, во годините на социјалните немири и интензивирањето на продемократското движење, поетиката на Ко Ун добива нова трансформација. По годините во затвор, од 1983, станал многу продуктивен и напишал многу поетски збирки, меѓу кои и неколкутомните „Десет илјади животи“ и „Планината Паекту“. Овие дела се последица на случувањата поврзани со Движењето за демократија во мај 1980, кога стотици граѓани биле убиени од корејската војска, како и поетовото апсење, затворање и соочување со смртта. Од тогаш поетот издал над 40 книги.

Во неговите песни се манифестира широк диверзитет: епиграми во неколку реда, долги дигресивни стихови, епични, пасторални, па дури и некои жанрови кои самиот тој ги создал, а можат да се наречат поп -историски песни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.