Коалиција О2: Најголем буџет досега, a најмалку средства за заштита на животната средина

Само 0,4 проценти од буџетот за 2018 година се одвоени за заштита на животната средина, што е најниско ниво досега, забележуваат од Коалицијата О2 за чист воздух.

– Во најголемиот буџет досега, каде со значителна сума учествуваат даноците поврзани со животна средина и зголемената акциза на нафта, ние имаме најнизок процент на доделени средства за заштита на животната средина. Има ли некој разумен и праведен во државава? Тука не се бара преку леб погача, туку она што следува, помеѓу 2,5-4,4 проценти за заштита на животна средина и 1,75 – три проценти за МЖСПП. За разлика од доделените 0,4 и 0,28 проценти. Да имавме нормално судство, институциите ќе одговараа за злоупотреба и пренамена на средства одредени за и собрани на основа на животна средина, наведуваат во соопштение од Коалицијата О2.

Посочуваат дека за намалување на загадувањето, како што наведуваат, нашиот најгорлив проблем, за 2018 година се одвоени само 11 проценти од сумата наменета за заштита на животна средина, односно 1,7 милиони евра, од кои пак, за намалување на аерозагадувањето и тоа заедно со мониторинг само 635 илјади евра.

– Вкупниот буџет за МЖСПП е речиси еднаков на парите издвоени за зградата за јавна администрација, ентериерното уредување на градската куќа и за факултетот за драмски уметности. Дека приоритетот е ист. Сите програми за намалување на загадувањето на воздухот, водите, почвата, за заштита на животната средина низ цела Македонија се со еднакво значење со згради на администрација, со внатрешно уредување на Градската куќа, наведуваат од О2.

Додаваат дека ако се погледнат собраните даноци поврзани со животната средина во 2015 година, бидејќи понови податоци нема, тие се за 16 пати поголеми од сумата доделена за Министерството за животна средина и просторно планирање за 2018 година. Тоа би значело дека МЖСПП можело основано да побара буџет од три проценти од вкупните расходи, а за заштита на животната средина требало да се одвојат 4,4 проценти. Тука, велат од Коалицијата, не ги сметаат средствата како резултат на зголемената акциза на нафта, околу 31 милион евра, која беше заради заштита на животната средина и намалување на загадувањето.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за Буџетот за 2018 побарало 14,4 милиони евра, а Министерството за финаснии одобрило помалку од 10,7, анализираат од О2 Коалицијата.

Четвртина од побараното не одобриле, што е 3,7 милиони евра. Според О2, МЖСПП се жали дека имаат хронично ниски средства, далеку од она што е потребно за да се спроведат програмите и плановите кои ги напишале одамна, барем повеќето. Сумата која ја побарале за 2018 е 0,37 проценти од вкупните расходи.

Потсетуваат дека Владата двапати го намали годишниов буџет на МЖСПП, кое, како што велат, е клучно за намалување на загадувањето.

– Летоска го скрати за 23 проценти, а изминатава сабота Собранието си изгласа уште 8,8 отсто намалување. Образложение беше дека и онака тие пари нема да можат да се искористат, истакнуваат од О2 Коалицијата.