Коалицијата на Макрон освоила најмалку 301 мандат во францускиот парламент

Коалицијата на центристите предводена од партијата на новиот француски претседател Емануел Макрон освоила најмалку 301 мандат во Националното собрание, долниот дом на парламентот, со 577 места, покажуваат неофицијалните резултати кои по преброените 92 отсто од изборниот материјал ги објави во неделата ноќта француското министерство за внатрешни работи задолжено за спроведување на изборите.

Партијата на претседателот Емануел Макрон, Републиката во движење (напред) (La Republique en marche-REM) освоила 263 мандати, а нејзиниот најголем партнер Демократското движење (MoDem) 38 пратенички места.

Француското министерство за внатрешни работи претходно објави дека REM освоила 41 отсто од гласовите во вториот круг од парламентарните избори со што добила апсолутно мнозинство во Националното собрание.

Конзервативната партија Републиканци освоила 23 отсто од гласовите. Најголем пробив направи крајно десната партија Национален фронт (FN) на Марин Лепен којашто освојува 10 отсто од гласовите, додека до овие избори водечката Социјалистичка партија освоила само 6,2 отсто од гласовите.

Французите во неделата во речиси рекордно мал број се одѕваа на вториот круг од парламентарните избори на кои се очекуваше сигурна победа на релативно новата партија на претседателот Макрон, што треба да му овозможи лесно спроведување на неговите длабоки економски реформи.

Овие избори се одржаа еден месец откако 39-годишниот поранешен инвестициски банкар стана најмладиот избран претседател во современата француска историја, ветувајќи дека ќе ја разбистри домашната политичка сцена и ќе ја придвижи втората економија во еврозоната.

Неговата партија е формирана пред речиси една година како движење коешто го исфрли како претседателски кандидат, а некои анкети ѝ предвидуваа дури 79 до 80 места во долниот дом на парламентот. Но одѕивот на избирачите беше многу слаб, што се толкува со заморот на избирачите по седумте месеци кампањи и гласање, но и со загубената доверба во политичарите, како и разочарувањата што може да ги комплицира плановите на Макрон.

Меѓу кандидатите на партијата на Макрон половината никогаш не биле на државна должност, па аналитичарите предупредуваат дека неискуството на овие пратеници може да го направи парламентот послушен во однос на извршната власт.

Макрон во текот на изборната кампања вети ревидирање на законот за труд в и усвојување нов закон против тероризмот, кој би требало да ја замени вонредната состојба којашто трае во Франција трае од средината на ноември 2015 година, по серијата терористички напади во кои се убиени 239 луѓе.