Коалицијата право и правна држава: Со легализацијата на „Глобал“ Заев си го призна криминалот тежок 8,5 милиони евра

Легализирањето на спорниот комплекс „Глобал“ во Струмица предизвика реакција на Коалицијата на невладини организации право и правна држава.

„Коалицијата  право и правна држава тогаш во 2008 година  и сега во 2014 година година смета дека е крајно неморална, политички скандалозна и нелегитимна одлуката за аболиција за случај каде градоначалникот Зоран Заев  се сомничи за криминал од 8.5 милиони евра. Ова е противправна и анти државна одлука која го подрива правниот поредок и владеењето на правото“, се вели во соопштението.

Коалиција на НВО право и правна држава смета дека пораката од овој случај е дека секој кој било кога ќе дојде на било каква функција или позиција слободно, без законска задршка може буквално да украде или проневери 8 милиони евра и да биде спокоен и нечепнат од законот.

„Секој друг кој нема среќа за аболиција или било каква политичка поддршка како што беше во случајот на Заев, ќе мора и за далеку помала сума да одговара пред законот и да лежи во затвор. Фактот дека е финиширана легализацијата на објектот „Глобал“ е признание дека самиот градоначалник Зоран Заев го извршил делото поради кое се сомничи и поради кое беше аболиран. Тоа значи дека градоначалникот признава дека свесно и незаконски дозволил градба на објект“, велат од Коалицијата.

Во соопштението стои дека секој знае дека  постапка за легализација единствено се спроведува на бесправно изграден објект. Самиот Заев признава дека за сите други мора да важат законите и правната држава, освен за него и неговите соработници.

„Тогаш ние како невладини организации спроведовме протести за заштита на правото и правната држава. Тогаш раководството на матичната СДСМ не прогласи за платеници, и одработувачи иако ние единствено баравме спроведување на законот. Сега кога се покажа дека и самиот Заев си го признава делото за кое е аболиран бараме извинување на раководството на СДСМ и Зоран Заев до нас и до целата јавност за дадените квалификации и лагите кои беа пласирани во јавноста. Зоран Заев откако го призна криминалот тежок 8 милиони евра, сега треба да се извини“, потенцираат од Коалицијата на НВО право и правна држава.

Оттаму повикуваат дека правните експерти и целата стручна јавност треба да отворат расправа за изнаоѓање на заштитен механизам од злоупотреба на правото на аболиција и осигурување утре да не се повтори некој нов Зоран Заев.