Кобане сеуште под контрола на Курдите, коалицијата подготвува нови напади

Кобане, мнозински курдски град на границата со Турција и понатаму ги одбива нападите на џихадистите и е под контрола на Курдите, јавуваат агенциите повикувајќи се на информации на американската војска.

Воените авиони на меѓународната коалиција предводена од САД, повторно извршија воздушни напади врз припадниците на Исламската држава недалеку од сирискиот град.

„Курдската милиција и понатаму го контролира поголемиот дел од градот и ги одбива нападите на ИД“, соопшти синоќа Командата на американските сили за операции на Блискиот Исток и во Централна Азија (CENTCOM).

Во новите воздушни напади на меѓународната коалиција уништени се осум блиндирани возила, магацин со оружје, како и еден команден и логистички пункт.

Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, предупреди дека воздушните напади можеби не се доволни за да се сочува Кобане.

Кирби додаде дека Коалицијата прави се што може од воздух за да ги спречи џихадистите да го заземат градот.

Австралија, која пред неколку дена и официјално се придружи кон Коалицијата против Исламската држава во Ирак и Сирија, вчера ги изведе првите воздушни напади против џихадистите.

Австралиските боребни авиони ја бомбардираа својата прва мета во Ирак, соопшти австралиското министерство за одбрана.