Кочани ќе добие пречистителна станица за отпадни води

На локација во близина на село Мојанци во понеделникот беше поставен камен-темелник на пречистителната станица за отпадни води за градот Кочани, а проектот е во вредност од 23 милиони швајцарски франци во најголемиот дел го финансира швајцарскиот Државен секретаријат за економски прашања (SECO)

„Во рамките на овој проект, преку изградба на пречистителна станица за отпадни води и главен канализациски колектор реката Брегалница ќе биде заштитена од загадувањето предизвикано од отпадните води од градот Кочани. Паралелно, Јавното комунално претпријатие ‘Водовод’ ќе ги зајакне своите управувачки, технички и институционални капацитети. Со тоа, за жителите на градот и околните населби кои се опфатени со водоводниот и канализацискиот систем, некаде околу 40 000 евидентирани корисници, како и за дополнителни 200.000 жители кои гравитираат по течението на реката Брегалница ќе обезбедиме поквалитетни животни стандарди и поздрава животна средина“, рече министерот Дураки во поздравното обраќање.

Дураки нагласи дека со изградбата на станицата за третман на отпадни води не само што ќе заштитат водите на Брегалница и ќе зголеми нивото на заштита на здрвјето на населението, туку ќе се подобрат и условите за производство на земјоделски производи бидејќи ќе се обезбеди наводнување на земјоделските култури со вода со подобар квалитет.

Проектот е во вредност од 23 милиони швајцарски франци од кои главните финансиски средства во висина од 21 милион швајцарски франци или 91 отсто од вкупната вредност на проектот ги обезбди Швајцарија преку Државниот секретаријат за економски прашања (SECO). Останатите два милиона швајцарски франци се локална контрибуција во парични и непарични средства од Министерството за животна средина и просторно планирање, Општината Кочани и Јавното комунално претпријатие „Водовод”. На настанот присуствуваше и заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, како и амбасадорот на Швајцарија во Македонија, Сибил Зутер Техада.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.