Кочан: Со вработуањата на неопределено време ќе се раздвижи и економијата

Вчерашната владина одлука, 3000 ангажирани лица да ги вработи со што ќе се здобијат со здравствено и пензиско осигурување, предизвика позитивни реакции во јавноста. Претседателот на Сојузот на стопански комори, Сеат Кочан, за Индекс на Радио Слободна Македонија, истакна дека ова би значело подобрување на социјалната состојба на сега ангажираните лица во државните институции, но на краток рок очекува и раздвижување на економијата.

-Така да тоа е искрено и лично веднаш помислив дека е добра вест, барем една третина имаме нови луѓе кои можеби ќе си купат станови, ќе се почастат со одмор, со гардероба, многу позитивно ќе се одрази врз економијата, на краток рок ќе се раздвижи. Ние веќе имаме потенцијални, барем една третина 1000 купувачи на станови, ќе имаме луѓе кои веќе ќе почнат да си ја планираат иднината, изјави Кочан за Индекс.

Кочан смета дека и бизнис заедницата треба да ги применува правилата што ги поставуваат институциите. Како и со популарно наречениот закон за хонорарци така и овој предлог закон на Владата е позитивно прифатен од бизнис заедницата, вели Кочан, потпретседател на Сојузот на стопански комори.

-Институциите се должни да постават правила на однесување, веќе со законот за хонорарно работење се определува да треба да се плати здравствено пензиско осигурување и за луѓето кои што работат хонорарно, така да тоа веќе е една обврска плус на стопанствениците и на менаџерите на компаниите кои што треба да го следат, со тоа ќе се создадат услови да мора и компаниите да размислуваат на ист таков начин, додава Кочан.