Коцијанчиќ да објасни на основа на кој дел од Уставот да се определи лидер за формирање на „поширока Влада“

Македонија нема време за чекање, но портпаролката на Европската Унија, Маја Коцијанчиќ треба да објасни на основа на кој дел од Уставот на Р. Македонија, ЕУ очекува Претседателот Иванов да определи лидер за формирање на „што е можно поширока Влада“, како што вчера ЕУ објави преку Коцијанчиќ. За да нема недоразбирање и дилеми кај македонската јавност пожелно е одговорот на ЕУ, исто така да биде јавен, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение интегрален текст од соопштението: 

Секоја држава, особено источно европските земји, има потреба од континуирани реформи преку промени на законите, за кои понекогаш е потребно и поголемо мнозинство како што е двотретинското кое во Македонија е неопходно за промена на некои закони. Сепак, земјите ретко составуваат влади со двотретинско мнозинство. Дури и во таква ситуација некои од нив понекогаш преку разговори и дебата со опозицијата во парламентот успеваат заеднички да изгласаат закони за чие прифаќање треба поголемо мнозинство во парламентот отколку тоа што го има владеачката коалиција. Такви случаи имаше многупати и во Македонија, кога владеачката гарнитура успеваше за некои реформски закони да обезбеди поддршка во парламентот од опозицијата, што говори дека и без двотретинско мнозинство може да се прават реформи.

Оттука, би сакале да прашаме дали ЕУ има воспоставена пракса при секое формирање на Влада во земјите членки на ЕУ и кандидатите за членство, јавно да повикува на создавање на „што е можно поширока Влада“, или тоа е само исклучок за Македонија.