Кодели: Украинската криза и ИСИС го загрозуваат Балканот

Двете кризи со кои е соочен балканскиот регионот – украинската и блискоисточната, се причина повеќе да се заврши работата за интегрирање на регионот во НАТО и во Европската Унија, оценува Џејмс Руперт од Атланскиот Совет на САД, откако оваа водечка про-НАТО институција во Вашингтон одржа дискусија со албанската министерка за одбрана Мими Кодели, пренесе МИА.

Според Руперт, Балканот е соочен со две анти-западни кампањи, едната покрената од Русија, а другата од страна на Исламската држава на Ирак и Сирија, и двете влијаат за дестабилизирање на регионот.

– Најслабата точка на европската безбедност е токму во соседството на Албанија, каде има пет држави кои не се членки на Европската Унија и на НАТО. Овие држави внесуваат јазол на историски конфликти среде НАТО, Руперт пишува по обраќањето на министерката Кодели во Атланскиот совет.

Според албанската министерка Кодели, која изминативе денови беше во посета на Вашингтон, Русија директно работи на ширење на своето влијание во регионот.

– Од подемот на национализмот во Европа, Русија спроведува јасен и конкретен проект на Балканот, заснован врз верското и расното потекло. Во изминатите два века, независно од тоа кој е на власт во Русија или во новите балкански држави, оваа политика остана иста – регионот треба да биде приврзок на руското напредување кон Средоземно Море. Соништата за западен Балкан никогаш не беа прифатени во Москва, вели министерката Кодели.

Од друга страна, Кодели вели дека исламистите наишле на плодна почва на Балканот, со загрижувачко зголемување на бројот на муслимани од балканските земји кои одат да се борат во Ирак и Сирија. Според Кодели, ова треба да се сфати како поттик за побрзо интегрирање на регионот.

– Овие луѓе имаат семејства, пријатели и соседи кои ги оставаат зад себе. Дали немаат надеж и затоа ги напуштаат своите земји? Од една страна, тоа што Европската Унија и НАТО го направија во изминатите 25 години е исклучително значајно. Но, дали е толку драстично за ЕУ да ги прими неколкуте милиони луѓе од Албанија, Босна, Косово, ПЈРМ, Црна Гора и Србија? Никој не бара подароци, но зошто да нема јасна мапа за овие земји?, изјавила Кодели во своето обраќање пред Атланскиот совет на САД, користејќи ја времената референца за Македонија.

Според Руперт, трите главни задачи кои САД треба да си ги постават на Балканот, и кои произлегуваат и од неодамнешната средба на германскиот канцелар Ангела Меркел со балканските водачи во Берлин, е да се води кампања против корупцијата во регионот, да се нормализираат односите меѓу Србија и Косово и да се реши спорот меѓу Македонија и Грција.