Коџабашиев: Потврда за добрата економска политика која ја води ВМРО-ДПМНЕ добиваме од граѓаните и сите релевантни институции

На денешната дискусија во Собранието на Република Македонија во врска со започнување на капиталниот проект за изградба, реконструкција и проширување на експресниот патен правец Штип-Радовиш, своја реплика имаше и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓи Коџабашиев, која беше упатена кон пратеникот од СДСМ Марјанчо Николов.

Колега Николов, не ја промашивте само темата, туку ја промашивте и салата. Вашиот говор наликуваше како да сте на трибина на СДСМ и пред ваши симпатизери да зборувате за економските политики на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Каква економска политика води Владата имаме признание од Светска банка, од ММФ, од Европската комисија и од сите релевантни институции, но и од граѓаните на Република Македонија, со овие зборови Коџабашиев му се обрати на Николов.

Пратеникот Коџабашиев во продолжение истакна дека доколку СДСМ сака да обвинува за економската политика водена од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш тие требало да користат аргументи и да кажат и да направат споредба како работеле владите во време на СДСМ, а потоа да зборуваат за работата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Да ве потсетам дека зборуваме за изградба на пат, експресен пат Штип-Радовиш, во трета изборна единица од каде потекнуваме јас и вие. Што имате против тоа? Рековте ништо. Сте против долговите? Па СДСМ кога замина од власт остави 36,7 % долг од БДП. Колку е сега БДП-то? Дупло поголем од 2006 ! Колку е сега државниот долг? Помал за 0,7% во однос на вие кога бевте на власт! И што направивте вие со тие задолжувања? Ништо!, образложи Коџабашиев.

На крајот од својата реплика, Коџабашиев потсети дека ВМРО-ДПМНЕ и во услови на светска економска и европска должничка криза изградил 1280 километри локални и регионални патишта, започнал три автопати, започнал со градба на пругата кон Бугарија, изградил 70 нови училишта, реконструирал 350 училишта, изградил 46 нови градинки, изградил 28 центри за ран детски развој, обезбедил 100 милиони евра за медицинска опрема и како што рече тој, уште многу други проекти.