„Кога денот немаше име“ ќе се претстави на „Берлинале“

 Македонскиот игран филм „Кога денот немаше име“ денеска ќе ја има првата презентација на еден од најголемите светски филмски фестивали „Берлинале“, јавува дописникот на МИА од Берлин.
Во 14 часот и 15 минути македонскиот филм по сценарио и  режија на Теона Стругар Митевска продуциран од продуцентската куќа  „Сестри и брат Митевски“ ќе биде прикажан во првата проекција наменета за новинарите што ќе се одржи во киното „Синемакс 8“ на познатиот берлински Потсдамер Плац.
Филмот ќе биде прикажуван во рамки на фестивалската програма „Панорама“ во која учествуваат рономирани режисери, дебитантски филмови и нови откритија, а која има за цел да ги спротивстави уметничките визии наспроти комерцијалните интереси. Во „Панорама“ организаторите на Берлинале градат мостови меѓу различни филмски изрази, таргетираат и филмски дистрибутери. Самото учество во оваа прогама е успех за  „Кога денот немаше име“ и гаранција дека филмот ќе биде виден од голем број синеасти,филмски работници, продуценти, дистрибутерски куќи и други.
„Кога денот немаше име“ е македонски мнозински проект, реализиран од продукцијата „Сестри и брат Митевски“ со копродуцентите Вертиго од Словенија и Ентре Шиен е Луп од Белгија. Македонската Агенцијата за филм го поддржа со половина милион евра, а дополнителни средства продукцијата доби и од  Еуримаж.
Покрај денешната презентацијата за новинарите на Берлинскиот фестивал, филмот до 18 февруари ќе има уште осум проекции за различни видови публика во кината каде што се одржува годинашниот филмски собир во главниот град на Германија.
Според продуцентите, филмот не е за немилите случувања на Смилковското езеро, иако настанот во кој беа убиени пет луѓе  е директната провокација и инспирација за приказната.