Кога Грците помалку го сакаа Александар Велики

За модерните Грци, Александар Велики е составен дел од нивното богато наследство – еден од најголемите освојувачи во историјата, кој ја соборил тогаш омразената Персиска Империја и ја раширил грчката култура до Египет и Индија.

Но, античките грчки градови-држави, кои поминале повеќе од една деценија борби против таткото на Александар, Филип Втори Македонски, веројатно биле многу помалку ентузијасти.

Вештиот генерал и дипломат го трансформираше Македон – античка Македонија – од мирна племенска заедница во регионална суперсила. Филип водеше континуирана кампања против грчките градови- држави, и ги победи и освои Атина и Теба во битката кај Харонеја во 338 год. пр.н.е.

За прв пат во историјата, најголемиот дел од грчкиот дел на копното тогаш беше под управа на еден владетел, завршувајќи ги со децении внатрешните војувања.

Филип бил прилично бескрупулозен владетел, кој се обидел и конечно успеал да ја прошири македонската власт над остатокот од Грција… , се разбира, имало и голем антагонизам против него, вели Рајнхард Сенф, научен директор на германскиот Археолошки институт во Атина.

Во тоа време, многу Грци не ги сметаа Македонците за дел од хеленската традиција – иако тие зборувале грчки јазик и им се поклонувале на истите богови. Меѓутоа, за разлика од многуте тогашни демократски градови-држави, Македонија била монархија.

Прашањето за античкото македонско грчко наследство не беше актуелно до неодамна, додека денешна Грција и Македонија, поранешна југословенска република, почнаа да се обидуваат да го решат 27-годишниот спор околу правото на користење на името.

Зенитот на грчкото влијание

Најголемиот оратор од античкото време, Демостен од Атина, напишал жесток говор против Филип, нарекувајќи го „варварин“.

„Сила на навика“, вели Стефан Милер, поранешен професор на Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија, САД.

„За Демостен, секој што не се согласувал со него бил „варварин“. Тој ги нарекувал варвари и некои свои сограѓани атињани“.

Во едeн од највпечатливите акти на неговото владеење, Александар го срамнил со земја градот-држава Теба. Но, сепак античките Македонци имале голема почит кон грчката култура и образование.

Александар бил страствен обожавател на хомеровата Илијада, а Филип го ангажирал тогаш најпознатиот атински философ Аристотел да му биде учител на неговиот млад син, кој требало да го наследи.

Кралскиот двор во Македонија, од петтиот век п.н.е наваму, многу ја почитувал и ценел грчката култура и образование, вели Рајнхард Сенф.

Како и поранешните македонски кралеви, така и Филип учествувал и на Олимписките игри, натпревар исклучиво резервиран за Грците. Коњите во сопственост на кралот Филип победиле на три последователни Олимписки игри, а Филип подоцна посветил импозантен споменик со неговото име, Филипејон, на Зевс во Олимпија.

Можеме да кажеме дека (грчкото) потекло на македонските кралеви почнало на широко да се прифаќа по петтиот век пр.н.е., смета професорот Милер.

Но, додека македонското кралско семејство било признато дека потекнува од митскиот грчки херој Херкулес, нивните субјекти биле третирани поинаку од Грците.

Македонците не биле сметани за Грци од страна на Грците … колку што знаеме до крајот на класичниот период, само кралското семејство било примано во Олимпија, вели Рајнхард Сенф, кој раководи со ископувањата во родното место на Олимпијадата.

Освојувањата на Александар го означија зенитот на грчкото културно влијание и моќ во источна и централна Азија и во северна Африка. По неговата смрт, државите-наследници продолжија да функционираат во она што сега е Египет, Турција, Сирија, Авганистан и Индија. Овој период, познат како хеленистичка ера, траел речиси 300 години, до подемот на Рим. Подоцна Римјаните создале огромна провинција наречена Македонија, која вклучува делови од денешна Албанија, Македонија и Бугарија.

Словените, потоа, го населиле подрачјето на денешна Македонија, од VI-от век до наваму.

Автор: АФП „Agence France-Presse“