Крими хроника

Коха: Демири и Исмаиловиќ се на слобода

Коха: Демири и Исмаиловиќ се на слобода

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се на слобода. Весникот на албански јазик „Коха“ пишува дека  обвинетите во случајот „Монструм“ судот во Приштина ги ослободил од затвор.

Демири и Исмаиловиќ во март 2013-та година во Косово беа осудени на две ипол години затвор за нелегално поседување оружје, а во Македонија во отсуство им беше изречена доживотна затворска казна за случајот „Монструм“.

Од Македонското Министерство за правда по нивното апсење побараа од Косово да ги екстрадира во Македонија на издржување на казната.

Нивниот адвокат Бесник Бериша, како што пренесува „Коха“ потврдил дека Судот во Приштина донел одлука за ослободување еден ден пред истекувањето на нивната затворска казна.

Kонечната одлука на надлежниот кривичен суд е донесена еден ден пред истекувањето на нивната затворска казна поради нелегално поседување оружје, соопштија од канцеларијата на нивниот бранител, пренесува весникот „Дневник“.

Во одлуката на судот било наведено дека тие веќе не можат да бидат задржани за дело „за кое нема доволно аргументи“.

Изворите во Македонското министерство за правда за „Дневник“ потврдиле дека добиле известување во кое се наведува дека барањето за екстрадицијата е одбиено.

 Такво известување стигна од Kосово и веќе е проследено до Основниот суд Скопје 1. Во образложението на одлуката наведуваат дека и покрај гаранциите што ги дале македонските органи, веруваат оти во судењето ќе бидат обвинети и казнети по национална основа, ни изјавија во Министерството за правда.

Во договорот што постои меѓу Македонија и Kосово, врзано за испорачувањето на лицата што се бараат поради разни кривични дела, постои одредба со која е предвидено дека „екстрадицијата ќе се одбие ако има убедување дека ќе им биде судено по основа на пол, раса, етничка припадност…“.

Од ова практично произлегува дека кривичниот суд оценил дека македонското барање за нивна екстрадиција во Македонија треба да се одбие бидејќи верува дека ќе им се суди само затоа што се етнички Албанци. Македонските органи, кои благовремено поднеле барање за нивно испорачување, постојано изјавуваат дека барањето е поткрепено со доволно докази и аргументи.