Кои се бенефитите од измените на Законот за извршување предложен од Коалицијата „За подобра Македонија“

Во Собранието на Република Македонија од страна на Коалицијата „За подобра Македонија“ односно од пратеникот Панчо Минов е поднесен Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување.

Наплатата на заостанатите долгови е еден од најгорчливиот проблем со кој се соочуваат голем број македонски граѓани. Иако досега имаше низа на мерки, како што се отпишување на долгови на граѓаните и други низа еднократни решенија, со ова изменување на Законот ќе треба да се изврши крајно олеснување на граѓаните кога се работи за овој проблем.

Измените и дополнувањата на Законот за извршување коишто сѐ уште чекаат ред за изјаснување од пратениците би донеле големи бенефити за граѓаните.

Имено, измените се однесуваат на граѓаните должници на комунални такси коишто без нивна вина поради неефикасност на извршување на правосудните органи и овластените нотари се оптоварени со акумулирани обврски по основ за законска казнена камата. Во поголем број на случаи на граѓани оваа камата е и десеткратно поголема од самата главница на долгот кој што го имаат граѓаните.

Како што објаснува пратеникот Панчо Минов, има случаи каде што за комунален долг од 1000 денари, многу граѓани се соочуваат со десеткратно повисоки трошоци за извршители и нотари при наплата на долгот. Исто така, Минов нагласува дека со ваков проблем се соочуваат близу 200 илјади граѓани и домаќинства во Република Македонија што претставува алармантен показател дека мора да се преземе нешто преку законски измени.

Измените на Законот за извршување предвидуваат наместо превисоките казнени камати коишто се наплатуваат, да се изврши максимализирање на износот на казнената камата. Тоа во практката би значело, наместо десеткратно повисоки казнени камати од главницата на долгот, казнените камати законски да не можат да ја надминуваат висината на главниот долг.

Има многу случаи на граѓаникои што за своите обврски по основ на казнена камата на долгот дознаваат во моментот на присилно извршување и токму тогаш настанува она незадоволство и револт кај граѓаните.

Со овие измени доколку еден граѓанин на пример има комунален долг од 1000 денари, наместо да плати уште 5, 6 или 10 илјади денари казнена камата по основ за трошоци за извршители и нотари, таа казнена камата да не може во никој случај да ја надмине сумата од 1000 денари колку што е главниот долг.

Од Коалицијата „За подобра Македонија“ сметаат дека ваквите измени ќе донесат многу бенефити за граѓаните кои што имаа комунални долгови како што се вода, струја, долгови по основ за наводнување или топлинска енергија.

Од партиите во коалицијата сметаат дека се работи за едно позитивно законско решение и се надеваат дека мнозинството предводено од СДСМ, исто така, ќе даде поддршка и ќе дозволи измените на овој закон да се донесат, а со тоа и да се решат проблемите на близу 200.000 граѓани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.