Кои се обвинетите за настаните во кумановско „Диво насеље“?

Обвинетиот Ардијан Бујари од Сува Река, Косово, има 41 година, завршил средно образование, вработен е во приватна фирма, женет е и има 2 малолетни деца.

Шефќет Халачи (35) од Призрен, Косово, завршил основно образование, не е вработен, женет е и има 3 деца.

Лирим Демири од Липково, Кумановско, е најмлад во групата обвинета за тероризам. Роден е 1992 година. Има завршено основно образование, не е вработен, не е женет и нема деца.

42-годишниот Хајруш Авдија е од косовската општина Малишево. Завршил основно образование, работел како автомеханичар, а како што објасни во судницата, во Германија добил и диплома за градежништво. Женет е и има 3 деца, од кои 2 полнолетни.

Бетим Кабаши (24) е од Призрен. Завршил средно економско образование, не е вработен, не е женет и нема деца. Рече дека не е виновен за напад врз македонската полиција како што пишува во обвинението.

Генци Сефа (43) е од Лушње, Албанија, и живее во Урошевац. Завршил Воена академија во Тирана и Правен факултет, отсек криминалистика, во Приштина. Сега е пензионер, воен инвалид. Женет е, има едно малолетно дете.

„Жалам за настанот од мај, не негирам дека сум дел од групата, но не сум виновен за тероризам за што ме обвинуваат“, наведе Сефа во судницата.

Ландрит Рустемај од Ѓаковица Косово, на возраст од 25 години, завршил средно образование, не е вработен, не е женет. И тој пред судот рече дека не се чувствува виновен.

Енвер Хоџа Клајн (45), викан Џиџи, роден е во Крефелд СР Германија, а по потекло е од Косово (германски државјанин). Рече дека е новинар, а во Германија работел и како преведувач во полицијата за странци. Женет е и има 2 деца.

Руфки Догани од Скопје, кој сега живее во Качаник, завршил основно образование, бил вработен во приватна фирма, женет е и има 3 деца. Со завршено основно образование и невработен е и обвинетиот Насуф Бекири, 28-годишен, од селото Брест. Тој сега живее во Арачиново. Рече дека знае за што е обвинет, но не се чувствува виновен.

Мирсад Керими (30) од Сува Река, Косово, завршил факултет за компјутери и информатика, не е женет. Вели дека не се чувствува виновен.

Не разбрав за што ме обвинуваат. Се спомнува тероризам. Мислам дека со ова обвинение, некој сака да ја покрие вистината со правдата, рече Керими.

Валдет Зекај (38) од Пеќ, Косово, вели дека работи како фотограф. Женет е и имал 7 деца, сите малолетни.

На листата на обвинети е и Бајрам Елшани од Сува Река (роден 1977 година). Има завршено основно образование, не е женет и нема деца. И тој вели дека не се чувствува виновен.

Неџбедин Љика од Тетово завршил Факултет за физичка култура. Има 37 години. Привремено живее во Призрен. Не е вработен, женет е и има 2 малолетни деца.

Лирим Красничи (27) e од Урошевац, a живее во Германија. Завршил средно образование, а работи како багерист (возач на багер). Женет е и има 1 малолетно дете. Севдаиљ Мифтари по потекло е од кумановското село Черкези, со привремен престој во Витина, Косово, невработен е, со завршено основно образование. Има 31 година, женет е и има 6 малолетни деца.

Фатмир Речица, 30-годишен жител на Липљан, Косово, студира на Правен факултет. Оженет е и има 3 деца. Бек Бајра (37 години) од Гњилане, Косово, на крај е со студиите на Факултетот за физичка култура. Невработен е, не е женет и нема деца.

Фејзула Рушитовски од село Брест е 27-от на листата обвинети. Има 26 години, завршил основно образование, не е вработен, женет е и има 2 деца.

Бесник Ајдини од Куманово (46 години) имал завршено основно образование, повремено работел приватно, женет е и има 4 малолетни деца.

Последен на листата на обвинети е Арсим Бајрами од Ваксинце, Кумановско. Има 33 години, завршил Факултет за јавна администрација на државниот тетовски универзитет и бил вработен како полицаец во МВР. Женет е и има 2 малолетни деца.

Адвокатот Шазивар Исеини, на почетокот од судскиот процес остро го нападна обвинението, наведувајќи дека Овинителството не ја завршило истрагата, не ги испрашало обвинетите и на тој начин сакале да ја прикријат вистината.

Најголем број од обвинетите, косовски државјани, ѝ се предадоа на полицијата по целодневното пукање на 9 мај 2015 година, а македонските државјани, како нивна логистика, беа уапсени дополнително.

Во нападот во Куманово загинаа 8 македонски полицајци и 10 припадници на вооружената група.