Кои се причините за одложување на средбата на Нимиц со преговарачите?

Во средата неочекувано и без образложение беше објавено дека за кон крајот на декември се одложува претходно најавената средба за 20-ти и 21-ви ноември на посредникот на Обединетите нации во спорот за името на Република Македонија, Метју Нимиц со главните преговарачи на Скопје и Атина.

Според дипломатски извори, причината за одложувањето на средбата не е објавена поради дискрецијата на преговарачкиот процес. Ова следува откако медиумите во Грција објавија дека Нимиц на средбата којашто требаше да се одржи во Њујорк ќе изложи конкретен предлог за уставното име на Република Македонија, а македонскиот премиер Зоран Заев во Љубљана најави дека двете страни никогаш не биле поблиску до постигнување решение, како услов за интензивирање на евроатлантските процеси на земјата.

Некои македонски медиуми повикувајќи се на неофицијални извори во институциите објавија дека „одложувањето било на барање на грчката страна, но поради технички причини“. Грчки медиуми, пак,  објавуваат дека тоа се случило по барање на Македонија.

Весникот Прототема во текстот за одложена средба на преговарачите со Нимиц ја пренесува веста на македонската информативна агенција МИА дека „причините за одложување на средбата сѐ уште не се познати“. „Но, дипломатски извори во Атина велат дека одложувањето дошло на барање од страна на Скопје, за да се подготви за преговори“, додава Прототема.

Пред десетина дена грчкиот весник То Вима  во текст под наслов „Зад сцената за ‘чесен компромис’ со Скопје“, меѓу другото, посредно го отвори прашањето кој ќе биде соговорникот на грчкиот преговарач Адамантиос Василакис.

„Исто така, во тек е именување на нов преговарач од македонска страна, додека во име на Грција останува амбасадорот Адамантиос Василакис, кој ќе има нов асистент, како што рече Коѕиас“, се вели во текстот.

Во македонските медиуми, пак, веднаш беше поставео прашање дали новата влада на СДСМ ќе го замени преговарачот Васко Наумовски, кој пред да замине во дипломатската мисија во Вашингтон, беше вицепремиер во владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.