Кои се придобивките од финансиските зони?

Македонија ќе се најде на меѓународната финансиска мапа, ќе има зголемен прилив на даноци во буџетот, но и нови работи места. Според експертите ова се само дел од придобивките од одлуката на Владата за формирање на слободна финансиска зона

Слободните финансиски зони не се нешто ново или нешто непознато. Тие функционираат во голем број земји, како Германија, Америка, Швајцарија, Данска, Луксембург, Италија и даваат солидни резултати во поглед на привлекување на странски капитал и реализирање на нивни трансакции на кои што се плаќа повластена даночна стапка и има позитивно влијание врз националните буџети.

„Во претстојниот период треба да се направи добра и стабилна правна рамка, да ја задржиме колку што можеме повеќе политичката стабилност како еден од факторите за заживување на финансиските слободни зони, да ја развиеме потребната инфраструктура во тие зони и да ја засилуваме стопанската конјуктура“, вели за Лидер универзитетскиот професор Томе Неновски.

И премиерот Груевски пред два дена изјави дека регулативата од најдобрите економии целосно ќе се примени и кај нас и затоа не треба да се стравува од некакви негативни страни.

„На простор од 10 до 20 хектари да се формира финансиска меѓународна зона во која ќе се пресликаат законите од една од државите, како што се САД, Англија или Германија во делот на финансиите. Интенцијата е позитивна бидејќи кога станува збор за пресликување закони од Германија, САД или Англија не може да стане збор за што било што е поврзано со негативни работи како што имаше некои сомневања и стравувања. Тоа дополнително треба да го зголеми кредибилитетот на финансиската зона, бидејќи целосно ќе се преслика регулативата од овие најдобри економии кои се најпривлечни за инвеститорите и ќе се дадат дополнителни поволности во делот на даноци и слично, за компаниите кои ќе одлучат тука да ги пренесат нивните седишта“, рече Груевски.

По усвојување на уставните измени ќе се изработи закон во кој во детали ќе се опишат сите планирани работи во меѓународната финансиска зона во Македонија.